Wednesday, January 4, 2012

РЕЦЕНЗИЈА / Sethstat-Korab (Sjf, 2011)



Ко бев мал многу сакав да пишувам рецензии. Читав разни и си викав и јас сакам да пишувам рецензии. И попосле кога пораснав навистина пишував. Пишував во Тротоар, Скопско Метро, Урбан Магазин и некои други весници/списанија, кои за жал одамна ги нема. Потоа престанав да пишувам рецензии. Можеби заглавив до гуша во секојдневно презентирање и креирање музика, па ми се чини некаде ми склизна потребата. Можеби понекогаш овде или онде нешто сум шкртнал, но шкртка не е исто што и рецензија. Сепак, овие манични денови, преслушувајќи го новиот албум на скопскиот џез бенд Сетстат, посакав да напишам рецензија. И еве напишав:

Неможам да се пофалам дека сум експерт за џез музика, но сум слушал. Сум бил по концерти, а си имам и свој омилен џез стил :) па и неколку омилени артисти од историјата и сегашноста. Сакам да кажам дека како и за повеќето “фини“ нешта, така и за ова-одлучувам преку суптилната кривинка на мојата ушна школка, која слкизнува право во мојот комплициран, но силно дефиниран внатрешен свет. И што тоа ми пријавува Внатрешниот Свет? Па пријавува РЕМЕК ДЕЛО. Ова се возрасни дечки, како по години-така и по музичко, но и свирачко искуство. И тоа се гледа. Веднаш се гледа и не ви треба монокл или дурбин можеби. Имаат искуство, имаат знаење и голема, голема љубов кон својата музика, а таа им возвраќа петкратно. Сепак, вистинските добитници сме токму ние-слушателте. Нивниот “Фри Џез“ на секојдневниот Џони може да му зазвучи хаотично, но тој тражи само искрено церебрално предавање. Токму во моментот кога ќе му се дадете на овој албум, тој ќе ви се отвори и предаде во целост. Инстантно ќе ви пренесе неверојатно количество космичка енергија која е сосем намерно уловена и транскрибирана во звук од овие фантастични музичари, кои тоа не го ни кријат...мислам, само погледнете ги насловите од песните низ кои плови нивниот КОРАБ. Фуриозно и бескомпромисно од една, елегантно и музикално од друга страна, а пред се светло и интелигентно. Барем јас така го доживувам. Еден од овие приватно и општествено манични/манијачки денови, одев низ улиците на Скопје-МОЈОТ град, и слушајќи ја оваа вонсериска плоча, се почувствував како ја набљудувам околината со очи и дистанца на ентитет кој е духовно, физички, по својата комплексност и релевантност сосем рамноправен, ако не и доминантен врз градскиот. Како да сум јас цел еден огромен, фантастично моќен ГРАД-КОРАБ кој плови во просторот и некако немам време да формирам чувства или мислења за она што го гледам вон себе. Преокупиран сум со приватно и сеопфатно доживување на универзумот. Навистина силно и посебно.

Купете си го.

No comments:

Post a Comment