Tuesday, October 30, 2012

The Freaks Come Out (On Thee Internet) #Sandy


Интернет и социјалните мрежи овозможија неверојатен простор за изразување на личното мислење на секој што има пристап до светската мрежа. Изразувањето на личното мислење веќе не е привилегија на оние кои се видни или популарни личности, или оние кои работат во медиумите. Сега буквално секој со компјутер или смартФон е речиси медиум. Далеку од тоа дека релевантноста на "секој" е субстанцијална, но сакале-не сакале, овде-онде ќе го прочитаме мислењето на буквално СЕКОЈ. Многумина од тие луѓе не ги познавам и количеството на непромислени глупости и малоумни бедотии само ми пролетуваат пред очи без да дозволам било каква интелектуална или емоционална реакција. Оние пак кои ги познавам, или знам кои се, всушност помагаат да ги комплетирам сликата и сознанието - зошто луѓето го употребуваат овој фантастичен простор за изразување на така бесмислен и тажен начин. Нивниот личен неуспех да се соочат со позитивната реалност, нивната неспособност да се снајдат низ лавиринтите на грубото секојдневие и конечно нивната потисната (или пак се-присутна) свест за неисполнетиот потенцијал како луѓе, неминовно ги води во автодеструкција, која така блатантно ја изразуваат каде стигнат.

 Нема подобар момент за демонстрација на нивната лична автодеструктивност од миговите кога некој доживува катастрофа од сериозни размери. Идеално е катастрофа да доживее избраниот/замислениот непријател. Тогаш, севкупноста на нивната автодеструктивна, главно самонаметната судбина, се рефлектира преку деструкцијата која ја доживеал "непријателот", се амплифицира и манифестира преку наситување, веселење и буквално наебување на туѓата несреќа, за да се доживее климакс во беспомошните алузии за (божја) правда. Само погледнете ги постовите на еден куп познати и непознати ликови на интернет за катастрофата која ги зафати источниот брег на САД и Њу Јорк - еден од симболите на западната култура и цивилизација. Со истиот дебилен жар во очите и празнотија во духот како и за време на рушењето на кулите на WTC, ќе ги видите тие "релевантни" ликови како се наситуваат на несреќата на дежурниот кривец за сите глобални, но и нивни приватни проблеми. Добро е кога се има така омнипотентен и конечен непријател. Едноставно нема потреба од превземање одговорност и фаќање за сериозна работа. Доволно е да се има Фејсбук и од бедотијата на ќорото "засолниште" да се сере по Америка и сите други таргетирани кривци за личниот неуспех, или неуспехот на сопствениот народ/влада. Има еден матен облак на самоправедност, лажен значај и непостоечка мудрост кога се напаѓа потврдена сила, дали е тоа "светскиот полицаец", или некој локален човек од акција. Секогаш ќе има и публика за такво фрик шоу: мала, искомплексирана, автодеструктивна. За мене, барем кај нас, не е проблемот што шака јадници се ситат на нешто што не можат да го допрат, туку тоа што таа отворено лузерска тенденција, лесно станува тивок сентимент на пошироката јавност. Но тоа е веќе друг проблем.

 САД се мошне солидна и организирана земја, која ќе се справи со овој проблем, ќе го надмине и ќе надгради врз него. Ако утре, не дај боже кај нас, или во Иран на пример, се случи катастрофа од сериозни размери, САД ќе биде предводник на оние кои ќе дојдат на помош (сетете се на земјотресот 1963). Освен заради солидарноста на која се обврзани како светска сила, ќе дојдат и заради асимилација. Западната асимилација е процес кој кај нас, помалку или повеќе го завршија вашите родители, доброволно и со песна. Вие сте конечен доказ за тоа, а особено вие кои серете по западот. Да не сте асимилирани не би имале ни простор да срете по него. НЕ БИ ИМАЛЕ НИ ИНТЕРНЕТ ПОБОГУ!