Sunday, September 3, 2017

ПРЕДЛОГ ПРОГРАМА МУЗИЧКА И КАСЕТНА ПРОДУКЦИЈА МРТ Мирко Попов


ВОВЕД
Наспроти популарната мисконцепција дека религијата (православното христијанство) е она што го одржало македонскиот дух низ вековите, без да навлегувам во процес на објаснување/докажување, ќе кажам: цврсто верувам дека токму музиката е главниот фактор за одржување на нашиот дух и бит се до денес, кога имаме историска можност самите себе политички да се менаџираме во сопствена држава. За разлика од т.н. вера и нејзините претставници, кои секогаш биле во спрега со странските владетели и речиси воопшто не го ни користеле македонскиот јазик, преку музиката тој живее во најчистата изворна форма и се пренесува низ вековите. Музиката е единственото и најчисто орудие за зачувување и негување на македонскиот дух. Без многу дискусија на темата, мислам дека лесно ќе се сложиме дека музиката е најсовршената форма, највисокиот дострел, но и најпрепознатливиот сегмент на современата македонска култура.
Во 1945 година, за време на создавањето на современата македонска држава, е направен неверојатен пропуст што не е набавен режач за плочи/винили. Запишувањето на нашата музика е препуштено на издавачите од другите југословенски републики, што е необјасниво препуштање на контролата врз нашето есенцијално културно богатство. Постоењето на Музичка и касетна продукција при МРТ, во еден момент се појави како нужност од највисок степен и до одредено ниво (морам да забележам: со огромни пропусти) ги задоволи горечките потреби за регистрирање на нашата музика. За жал, необјаснивата неодговорност и отсуството на свест за важноста на оваа дејност доведе до тоа да овој оддел во МРТ официјално постои, но не работи и не продуцира ништо во последниве речиси две децении. Издаваштвото е препуштено на независните дискографски куќи кои патат од отсуство на реален пазар и во минорна држава како Македонија и многу тешко успеваат да сврзат крај со крај. Огромните количества снимен материјал во МРТ, кој има непроценливо историско значење е непријавен во агенциите за заштита на права и е подложен на негрижа и уништување во матичната куќа. Потполното отсуство на современа продукција на МРТ е катастрофално по повеќе параметри: негрижа за сопствената култура; необавување на основната дејност; пиратирање на делата и одлив на средства во приватни џебови; загуби и негативни судски пресуди наместо профит итн. Навистина е долга и болна листата на негативни аспекти на нефункционирањето на она кое треба да биде културен бедем на современата македонска држава. Последиците од оваа варварска негрижа се чувствуваат во секојдневниот живот, пред се преку недостатокот на почит кон сопствениот музички продукт, сопствените музички уметници, сеопштото владеење на шунд и катастрофални музички вредности (како странски, така и домашни) поддржани од државата и глорифицирани помеѓу нашиот народ, со јасно согледлива последица: уништување на македонската култура како таква.
Сметам дека ваквата ситуација е неодржлива и затоа апелирам за итно враќање на дејноста на Музичката и касетна продукција на МРТ, како водечка дискографска куќа во земјата, со офанзива за промовирање и емитување по медиумите на што е можно поголем број современи, но и историски македонски музички изданија.
Во продолжение следи кратка програма за работа на Музичката и касетна продукција.



ДЕЈНОСТ на Музичката и касетна продукција (МКП)
-       Снимање и производство на квалитетна музика од сите жанрови во своите студија M1,M2,M3,M4
-       Изданија на автори на квалитетна музика од сите жанрови. Особено внимание ќе посветиме на современата македонска музика, која во последниве десетина години доживува своевиден квалитативен и квантитативен бум. Планираме сериозен влез во архивата на МРТВ и реиздавање на некои од нашите толку вредни музички дела од минатото, со што ќе обезбедиме темпорален мост, толку неопходен за новите генерации и нивното временско-просторно спознавање и созревање.
-       Снимање и производство на видео спотови на сите артисти кои ќе издаваат музика за нашата продукција.
-       Снабдување на МРТ (но и другите медиуми) со квалитетна музика од сите жанрови (особен акцент на современата македонска продукција) и иницирање на специјални ТВ емисии (барем 3 во рамките на куќата) за сериозно презентирање на македонската музика, а особено музиката од сопствена (МРТ) продукција. Снимање на ТВ концерти на сите артисти кои ќе издадат за продукцијата на МРТ и нивно емитување на програмите. Преплавување на радијата со пред се современа (но и постара, реиздадена) музика од сопствена продукција. Обрнување на сериозно внимание на квалитетот и максимизирање на квантитетот на музиката од сопствена продукција.
-       Организација на концерти на своите ансамбли и  снимање на истите
-       Организација на концерти на сите бендови кои ги издава МРТ
-       Печатење на винилни плочи (набавка на машина за печатење винили, како покрај дигиталните записи, би обезбедиле и тврда копија од изданијата), ЦДа, дигитализирање на целата аудио архива и нејзино објавување за слободно преземање од интернет. Се што е јавно снимено во МРТ мора да биде достапно за сите граѓани.
-       Потпишување на продукциска соработка со сите релевантни дискографски куќи во Македонија и реиздавање на интернет за слободно преземање на целокупната квалитетна македонска музика, со што ќе се создаде една огромна библиотека на нашата музика на едно место.

РАБОТА СО АНСАМБЛИ
-       Ревиски (танцов оркестар)
-       Народен оркестар
-       Оркестар на народни инструменти
-       Се залагаме за реоформување на камерниот оркестар (членовите на оркестарот имаат обврска да учествуваат во работата на ревискиот и на народниот, така што ова не би требало да е дополнителен трошок)

РАБОТА СО ФЕСТИВАЛИ
-       Евровизија
-       Скопски фестивал
-       Цветници
-       Макфест (соработка)
-       Валандово (соработка)
-       Иницирање на рокенрол фестивали
-       Иницирање фестивали на електронска музика
-       Иницирање фестивали на изворни инструменти
-       Снимање и издавање на сите фестивали кои ќе ги покрие МКП на МРТ

ПРИДОБИВКИ ЗА ДРЖАВАТА И МАТИЧНАТА КУЌА
-       Поставување стандарди за квалитетна музика
-       Активна популаризација на домашната музика
-       Зачувување и пренесување на музичкото наследство за следните генерации
-       Итно пријавување на сите снимки и издадени дела на МРТ во агенцијата за заштита на продуцентски и изведувачки права (ММИ), што ќе отвори простор за враќање на голем дел од средствата уплатени по основ на тие права, со перспектива за остварување на профит. Со ова ќе се исполни законската обврска за заштита и надоместок на овие права, за кои до сега МРТ е постојано на суд како обвинета страна. Во исто време ќе ги исполниме европските законски и морални норми по ова прашање. МРТ (МКП), како главен продуцент, но и реализатор на емитувањето на македонската музика, ќе има главна улога во одборот на ММИ и ќе може да обезбеди многу поповолни услови за повраток на средствата и профит.
-       Организирање и пуштање во промет на официјален YouTube канал на МРТ, на кој ќе се емитува продукцијата на куќата. Денеска за секој “клик” може да се наплати активноста на овој мегапопуларен  светски канал, а само квантитетот на содржините на МРТ обезбедува милиони кликови, кои пак носат профит за куќата. Во исто време, ќе се расчисти со неовластените канали кои долго време пиратски емитуваат продукција на куќата и веројатно со тоа профитираат.
-       Снабдување на МРТ со квалитетни музички проекти од сите жанрови, а со тоа и спречување на одлевањето на финансии по основ на разни сродни права (МКП при МРТ се јавува како производител/продуцент на дела).
-       Заработка од сродни права (произведувачки) од емитување по други медиуми (радиотелевизиски куќи, интернет итн.)
-       Иницираме поголем обрт и заработка на музичките автори преку авторски права.
-       Иницирање на соработка со реномирани македонски културно образовни институции (ФДУ, ФМУ, итн.)
-       Соработка со СОКОМ
-       Анимирање/ангажирање на домашни на композитори, текстописци, аранжери за потребите на продукцијата, фестивали и сл.
-       Развој и продукција на традиционалното музичко творештво (етно и изворна музика)

ФИНАНСИРАЊЕ И УСЛОВИ
(Овде се само нафрлани општи идеи, во продолжение на кампањата ќе се доразработи и конкретизира финансискиот план)

-      Музичка и касетна продукција мора да има независно финансирање (сопствена сметка и свој сметководител).
-       Сите вработени ќе примаат плата од МРТВ.
-       Министерство за култура (финансирање на оркестрите, издавачка дејност).
-       Надворешни спонзори (издавачка дејност).
-       Остварување на сопствени приходи од продажба на изданија, концерти, фестивали и сл.

-->
-       Ангажирање на неколку хонорарни советници од разни полиња, доколку сметаме дека оние кои се моментално вработени во МКП, не го задоволуваат критериумот за стручност.

Friday, February 3, 2017

#90тИ

Се почна кога Плоштад Слобода траорно, но ингениозно забележија дека СКОПЈЕ Е МРТВО. Мошне брзо и решително иштампаа 30 црно-бели некролози и ги залепија на стратешки места од она што некогаш, во 90тите беше град, а сега е…сега е…(и подголтнувам кнедла од ДИВО МЕСО)…Беше тоа еден од најсветлите примери за паметно и ефикасно потрошени 20.000 УСАид долари, братски пари на газда Сорос. Уште тука беше јасно дека не само што ќе мора, него и дефинитивно ќе успееме да го вратиме СТАРО СКОПЈЕ, Скопје од 90тите. Е тоа беше ГРАД! Бранко и Дарио беа изградиле ѕидови за новите дечки да можат да цртаат графити. Ацо и Марсо НА ЖИВО на 103јка ја кажуваа радио драмата: The Drogerash Scienthific Degeneric World of Volchar & Coala. Урбано Скопје доаѓаше да посматра како 20 души на екстази играат во диското МНТ. Меѓуградската автобуска станица, со сиот сјај, блескаше отаде Вардар. На плоштадот имаше ДРВА. СТОКОВНА КУЌА беше ДУШАТА НА ГРАДОТ. 

Сите знаеме дека ова денес не е Скопје. Ова е некој друг град. Толку неЕ и другЕ, што мислам дека и ние не сме ние, туку некакви мачни проекции од друга димензија, небаре нечија ДОЛГАта РАКАта наСила не земала и не натопорила во оваа алтернирана чорбеста средина. Еве на пример и јас не сум јас повеќе. Некои денови мислам дека сум нацист. Некои денови грозничаво правам селфија рој, колку да си знам дали воопшто ме има од другата страна на објективот. “Sometimes i don’t sleep too well”…навечер често ме мори помислата дека ГРАДСКИ SИД фантастично би блеснал во барокно светло. 

Но ПРОМЕНИТЕ се како шило. В’тат, в’тат и на крај пробиваат во полн сјај, токму во манир на разоружувачката пролет што го ококори она што некогаш овде беше грАД. Носени на крилјата на триумфот на Паркобраните врз тимберленд наездата, СВИРАЧИЊАта ја започнаа големата револуција за враќање на 90тите. Нивните ингениозни колажи/монтажи, небаре есенцијата на стариот урбан градски дух, полн со свежина, креативност и преди се оригинален хумор, предизвикаа вистинска општествено-политичка ренесанса во нашава средина. Како за миг да се врати незаборавното чувство на удобност на пластичните столчињата додека седиш во стариот Пелистер и чекаш Струмка во полувисока чаша, додека ортачето ти чека во ред за Снежец карши у трафиката. Отспротива, Вивидно Вибрира Стоковната Куќа, душата на Скопје. Финалниот удар врз мрачните сили, Свирачињата го зададоја со генијалната објава, кога СЈО се претставени ко женскаму на Конан. После ова НЕМАШЕ НАЗАД. Оттука па натаму сме бучни сведоци на надоаѓањето на СЛОБОДАта олицетворена во Скопје од 90тите, материјализирана во едно масовно & незапирливо ВАРДАРСКО ТСУНАМИ. Еден ГИГАНТСКИ СПЛЕШ од таа високо урбана есенција и ете го се враќа Бранко уште пред календарското доаѓање на летото. Дарио го вади спремниот албум од фиока и го објавува на 4дупла плоча (читај: ВИНИЛ ЧОВЕЧЕ!!!). Ацо Рембрант снима филм со тематика од тајната историја и со масовни сцени, каде во улога на Поп Богомил се појавува Коља Депресија. Тој пак го гаси Окно како дневнополитички памфлет и ги враќа ЛИФТ и МАРГИНА, каде што заедно со Ацо Р. издаваат стрип со хиперинтелектуална содржина на 2450 страници. Ристо Вртев се враќа у Темпера. Крстот на Водно трансгресира во небото. Можеби малку прерано, но Тоше станува од гробот. 
И сега….
Токму кога почнавме да успеваме да ги убедиме нашите деца дека Скопје е мртво и не постои, токму во мигот кога почнаа да веруваат дека и самите тие не постојат, а крстот на Водно е само привид-халуцинација од некој филм на Jodorovsky….ете го Скопје од 90тите назад, на неизмерна радост на СТАРИТЕ СКОПЈАНИ и слободарски настроената јавност. 

Но, ќе се навикнеме и на тоа.