Friday, February 3, 2017

#90тИ

Се почна кога Плоштад Слобода траорно, но ингениозно забележија дека СКОПЈЕ Е МРТВО. Мошне брзо и решително иштампаа 30 црно-бели некролози и ги залепија на стратешки места од она што некогаш, во 90тите беше град, а сега е…сега е…(и подголтнувам кнедла од ДИВО МЕСО)…Беше тоа еден од најсветлите примери за паметно и ефикасно потрошени 20.000 УСАид долари, братски пари на газда Сорос. Уште тука беше јасно дека не само што ќе мора, него и дефинитивно ќе успееме да го вратиме СТАРО СКОПЈЕ, Скопје од 90тите. Е тоа беше ГРАД! Бранко и Дарио беа изградиле ѕидови за новите дечки да можат да цртаат графити. Ацо и Марсо НА ЖИВО на 103јка ја кажуваа радио драмата: The Drogerash Scienthific Degeneric World of Volchar & Coala. Урбано Скопје доаѓаше да посматра како 20 души на екстази играат во диското МНТ. Меѓуградската автобуска станица, со сиот сјај, блескаше отаде Вардар. На плоштадот имаше ДРВА. СТОКОВНА КУЌА беше ДУШАТА НА ГРАДОТ. 

Сите знаеме дека ова денес не е Скопје. Ова е некој друг град. Толку неЕ и другЕ, што мислам дека и ние не сме ние, туку некакви мачни проекции од друга димензија, небаре нечија ДОЛГАта РАКАта наСила не земала и не натопорила во оваа алтернирана чорбеста средина. Еве на пример и јас не сум јас повеќе. Некои денови мислам дека сум нацист. Некои денови грозничаво правам селфија рој, колку да си знам дали воопшто ме има од другата страна на објективот. “Sometimes i don’t sleep too well”…навечер често ме мори помислата дека ГРАДСКИ SИД фантастично би блеснал во барокно светло. 

Но ПРОМЕНИТЕ се како шило. В’тат, в’тат и на крај пробиваат во полн сјај, токму во манир на разоружувачката пролет што го ококори она што некогаш овде беше грАД. Носени на крилјата на триумфот на Паркобраните врз тимберленд наездата, СВИРАЧИЊАта ја започнаа големата револуција за враќање на 90тите. Нивните ингениозни колажи/монтажи, небаре есенцијата на стариот урбан градски дух, полн со свежина, креативност и преди се оригинален хумор, предизвикаа вистинска општествено-политичка ренесанса во нашава средина. Како за миг да се врати незаборавното чувство на удобност на пластичните столчињата додека седиш во стариот Пелистер и чекаш Струмка во полувисока чаша, додека ортачето ти чека во ред за Снежец карши у трафиката. Отспротива, Вивидно Вибрира Стоковната Куќа, душата на Скопје. Финалниот удар врз мрачните сили, Свирачињата го зададоја со генијалната објава, кога СЈО се претставени ко женскаму на Конан. После ова НЕМАШЕ НАЗАД. Оттука па натаму сме бучни сведоци на надоаѓањето на СЛОБОДАта олицетворена во Скопје од 90тите, материјализирана во едно масовно & незапирливо ВАРДАРСКО ТСУНАМИ. Еден ГИГАНТСКИ СПЛЕШ од таа високо урбана есенција и ете го се враќа Бранко уште пред календарското доаѓање на летото. Дарио го вади спремниот албум од фиока и го објавува на 4дупла плоча (читај: ВИНИЛ ЧОВЕЧЕ!!!). Ацо Рембрант снима филм со тематика од тајната историја и со масовни сцени, каде во улога на Поп Богомил се појавува Коља Депресија. Тој пак го гаси Окно како дневнополитички памфлет и ги враќа ЛИФТ и МАРГИНА, каде што заедно со Ацо Р. издаваат стрип со хиперинтелектуална содржина на 2450 страници. Ристо Вртев се враќа у Темпера. Крстот на Водно трансгресира во небото. Можеби малку прерано, но Тоше станува од гробот. 
И сега….
Токму кога почнавме да успеваме да ги убедиме нашите деца дека Скопје е мртво и не постои, токму во мигот кога почнаа да веруваат дека и самите тие не постојат, а крстот на Водно е само привид-халуцинација од некој филм на Jodorovsky….ете го Скопје од 90тите назад, на неизмерна радост на СТАРИТЕ СКОПЈАНИ и слободарски настроената јавност. 

Но, ќе се навикнеме и на тоа.

No comments:

Post a Comment