Thursday, August 4, 2011

И Јас Сум Кодош / Ben kodosh değilim




Кодош е турски збор. Измислен е некаде во XVI век, за да се опише човек кој продава/предава/издава некој друг човек за пари, привилегии, или чисто од мерак. Имено турците, наидувајќи на неверојатен ентузијазам кон оваа активност во новоосвоените територии, а особено територијата популарно наречена Македонија, решиле на оваа активност да и ја дадат масата со која нивниот јазик ги обликува зборовите-давајќи им моќна патина. Оттаму онаа прекрасна дескриптивна звучност на зборот КОДОШ-збор со кој и ден денес се гордееме и го користиме со голем ентузијазам. Едноставно речено, кога нешто ќе заслужиш, а некој од многубројните владетели великодушно ќе ти го прикачи-историјата го гратификува на најпрекрасен начин.

Гратификацијата доаѓа токму во времето кога за прв пат по 23 века, таканаречените Македонци, конечно уживаат во фактот дека власта во “земјата“ не е странска. Фала богу, дојде и тој час, кога кодошот не мора да консултира странска власт за да ужива во придобивките на својата професија, туку тоа е еден чисто патриотски чин, за кој може да се пресмета и ДДВ на пример. Навистина чесно и современо. Каде би им бил крајот сега на кодошите кои ги тастаа Гоце Делчев и останатите македонски војводи, кога би можеле да го направат тоа пред домашна-демократски избрана власт. Што повеќе, сега нашата демократски избрана власт може комотно и непречено со прст да покаже на кодошите кои соработувале со претходните, туѓински и недемократски избрани власти. Навистина радосни мигови во 40.000 годишната историја на овој народ.

Што се однесува до моето мислење, јас сум многу весел што релативно брзо го надминавме краткиот и збунувачки период кога на национално ниво кокетиравме со опасната идеја дека меѓу нас имало ДИСИДЕНТИ и се вративме назад на автохтоната КОДОШКА практика. Ќе беше навистина репулсивно да правиме дисидентски суперхерои на база на пијани кафански викотници и лажни театарски анархолиберали. Легендата вели дека секој трет македонец е кодош, што по мене е потценувачка проценка за квантитетот и квалитетот на реализацијата на оваа професија кај нас. Сепак, Македонија е легендарна и библиска земја, па и легендите-колку и потценувачки да зборуваат за нас, ни прилегаат. Затоа да се држиме до нив, како што се држиме за познатиот цитат од Господ Бог: “Македонија нема никогаш и никому да припаѓа. Кога го создадов светот, неа ја создадов за себе, за да има каде да се наполнам со радост“. Ете конечно и Господ Бог, по 23 века чекање, може да се исполни со радост. На крајот на денот, тој е единствениот ДИСИДЕНТ во историјата на Македонија. Единствено останува да се одреди цената за која веселите македонски кодоши би го предале. Или можеби од пуст мерак?

No comments:

Post a Comment