Wednesday, January 12, 2011

Интервју за ТЕА Модерна, 12.01.2011

Зборовите триумфираат преку вистината и се понижуваат со помош на лагите. Која е твојата дефиниција за совремиево кое го живееме?

Погледнато од човечка (жабја) перспектива, живееме во хаотично време. Јас, како горд сопственик на независно размислувачки мозок, секојдневно сум во крвава битка за зачувување на она малку нормалност, интегритет, или вистина со кои успевам да располагам. Особено во временски испретурано и заостанато општество како нашето-толку блиску, а така далеку од вредностите за кои сум подготвен, хаосот и дезорганизацијата болат до коска. Се чувствувам како бучен сведок на процесот на цедење на надежта од локалното општествено ткиво.
Погледнато од сателит, ми се чини дека се на светот се одвива по некоја фантастична класификација и рационализација на хаосот. Сосема логично одење по работ на острицата кое произведува сериозни морални и инвајорментални проблеми, но и секогаш креативни решенија за истите. Мислам дека ние, ретките македонци со мозок, особено тешко го доживуваме фактот што нашето општество е дел од проблемот, а не дел од решението.

Колку вреди твојот збор Мирко?

Јас сум еден од ретките среќници кои успеале да создадат еден “љубов-омраза“ микро свет во кој успевам да допрам до група луѓе и да предизвикам размислување, дискусија, или макар омраза. Не знам точно колкав е тој круг, но со сигурност можам да кажам дека и покрај веќе значајното ниво на завршена општествена работа и јасна прогресивност во искажаното (и оствареното), нашево општество е генерално глуво за мене и таквите како мене. Овде многу повеќе се ценат квазипатриотски пораки, лажен хуманизам, медиокритетска културна конфекција, лицемерни небулози. Затоа и луѓето слични на мене, или конформираат, или бегаат од овде. Излегува дека баш и не вреди многу мојот збор во ова време. Можеби во некоја не толку далечна иднина ќе вреди повеќе. Искрено се надевам.

Се чувствуваш ли понекогаш како да ја губиш смислата?

Секој нормален човек постојано се преиспитува себе си и својот смисол. И во многу пофункционални и позитивни ситуации тоа е нормално за мене, но особено е изразено во моментите кога останувам без доволно пари да си ги платам сметките на пример. Во било кое, па и нашето општество би можел да се наречам успешен човек, но кога еден “успешен“ човек нема за парно и кирија, мора да се запраша дали можеби проблемот не е во него. Решение за овој проблем доаѓа единствено во форма на напуштање на сопствениот независен уметнички модел и прифаќање нечија туѓа идејна цуцла, што секако би резултирало со губење на смислата и конечно губење на себе. Не, немам намера да се изгубам себе си. Тоа нема да се случи.

Од памтивек демагозите го злоупотребуваат зборот. Кога започнуваат невољите и кризите, прво нешто што страда е зборот, за потоа човечките животи да станат ефтини, или пак ништо да не значат. Дали се сложуваш или напразно филозофирам?

Човечките животи и сите наши зборови во југо/источна европа се ефтини. Претставуваат некој вид европски монети за поткусурување. Проблемот не е што нашите поразвиени западни сограѓани не третираат така, туку што ние сами себе се третираме на тој начин. Едноставно не се цениме себе, ниту сопствената култура и затоа само увезуваме и скапо плаќаме. Што ни преостанува тогаш за зборот или човекот? Мислам дека овде меѓу себе се третираме како стока/животни. а никој не го интересира што тоа животните имаат да кажат. Во оваа цивилизација животните обично одат под нож.

Потребна ли е реформа на јазикот?

Јазикот е во постојана реформа и надградба. Неверојатно е колку се силни и влијателни конзерваторите на јазикот кај нас, кои креативните интервенции во него ги имаат издигнато на ниво на предавство. Но јазикот е неверојатно жива и вибрантна материја и има постојана потреба за збогатување и набивање слоеви. Една од главните особини на англискиот-несомнено доминантен светски јазик, е постојаната промена и надградба по сите параметри, со што буквално во целост ги обвиткува глобалните токови. Конзервирањето на јазикот е одраз на длабока заостанатост и може да резултира единствено со негово исчезнување. Сепак сметам дека напредокот/реформата на јазикот е вон било чија контрола.

Сметаш ли дека со вербалните војни се отвораат и започнуваат сите останати војни?

Сметам дека оние кои сериозно сакаат во војна не започнуваат вербални војни, не оддаваат информации и ја чуваат силата. Вербалните војни, барем кај нас се сведуваат на демагогија или простачко чаталење. На крајот на краиштата и моите одговори личат на вербална војна со едно заостанато општество, но мојата активност не би ја опишал како војна-напротив, како креација. Сметам дека зборовите без дела се празни, освен во некој добар роман.

Нема ли повеќе идеали за кои вреди човек да се бори?

Се разбира дека има. Секогаш ќе има. Моралот на нашата цивилизација е вибрантна маса во перпетуално обликување и наша задача е буквално да ги вградуваме сите квалитетни и корисни идеи во него. Се чини дека популарното современо либералистичко стојалиште дека ова е (посткомунистичко/постфашистичко) време ослободено од идеали, се користи само како орудие за манипулирање со свеста и мултиплицирање на профитот, особено во новоосвоените источноевропски пространства. Буквало се јава на бранот на дезидеологизација која се продава како мода, но најчесто резултира со потполна безидејност, кој е сосем во корист на чистото потрошувачко општество. Само погледнете наоколу: како никогаш досега младите луѓе не биле вака безидејни и незаинтересирани, а постарите комплетно дезориентирани. Сето тоа брутално го користи мафијата на власт, а духовната празнина криминално ја пополнува со рецидиви на квазинационализам и квазирелигиозност. Се разбира дека сум крваво против затворање на човековиот ум во идеологии, но сметам дека самиот човек како морално животно е идеја за која мора да се бориме. Човекот мора да напредува инаку ќе го снема.

Дали современите модели на индивидуализам и повлекување во себе се последица на чувството дека живееме во “свет на лаги“?

Отсекогаш сме живееле во свет на лаги. Лагите се најголемиот предизвик за вистината. Борбата за вистината е она што не чини потребни. Тоа е борба која никогаш и по никоја цена не смее да застане. Не би им одговарало дури ни на креаторите на лагата. Во современиот свет индивидуализмот стана маркетинг трик, селинг поинт…тотално ан-кул! Можеби токму тоа е и причината за затворањето во себе на многумина. Но тоа никако не смее да биде оправдување! Должност, но и задоволство на вистински силните индивидуалци е постојано да го разобличуваат светот на лагата и да креираат свои нови прекрасни светови, па макар на ниво на “привремени автономни зони“.

Кога манипулативната лага во која било сфера од живеењето ќе се вгнезди во човечките односи, тогаш и верата и неверата се соединуваат, а човечките животи почнуваат да пропаѓаат. Поплава во која луѓето се снаоѓаат од момент во момент. Живееме ли ние во такво крешендо?

Живееме во самонаметната изолација. Историски неписмени и со испомешани временски зони, небаре како во некој филм на Тери Гилијам, се вртиме во круг како мува без крило-самодоволни во глупавоста и она што никогаш не било. Не сакаме да знаеме како другите гледаат на нас, а тоа е есенцијално за било каков паметен чекор напред. Полесно ни е да се подложиме на манипулациите на оние кои ги плукаме, отколку да се одважиме и да ја превземеме одговорноста за себе во свои раце. Полесно се снаоѓаме како жртви, отколку како единки (или народ) подготвени да имаат главна улога во креирање на сопствената судбина. Незнам какво крешендо е ова, само знам дека од тоа ме фаќа ужас .

Едно е сигурно: вистината отвора и гради. Колку е вистинска музиката денес? Или каква политика-таква уметност?

Меинстрим уметноста и политиката во нашата земја се сосем аналогни. Не ја обавуваат општествената задача, постојат за лична корист и се комплетно празни. Шунд, невкус, тотален простаклук и предавство. Погледнете само кои се најголемите херои: Бранко Црвенковски, Никола Груевски, Тоше Проески…ОДА НА ПРАЗНОТИЈАТА И БРЗАТА ЗАРАБОТУВАЧКА. Безумна игра по ефтини ноти и старото добро македонско мото: “лапни-г’лтни. Во последниве години скоро сите пари за музика во државава отидоа на сметката на Јован Јованов и компанија. Тоа е проценката за националниот интерес во културата/музиката. Ми смрди на културно самоубиство.
Инаку доколку се излезе од овие “музички“ рамки, може да се наиде на еден куп квалитетна, вистински автохтона македонска музика која може да не поттурне напред. За жал, одамна е јасно дека оние кои се на власт никогаш немале интерес сите заедно да се поттурнеме напред.

Што пропагираш, или ако ти звучи грубо, што пренесуваш преку твоите диџеј сетови и музиката која ја создаваш со твојот бенд?

Се обидувам на што е можно повозбудлив начин да го сублимирам времето во кое живееме-и локално и глобално. Се обидувам да бидам свеж, напреден и музикален, да ги предизвикам луѓето на размислување и да ги однесам некаде каде можеби дотогаш не биле. Се обидувам музичкиот и уметнички занес да ги трансформирам во состојба на духот, подготвена да ги помести нештата напред за доброто на сите. Ги терам да играат.

Скопје памети далеку пописмени музички времиња. Вреди ли улогата на описменување на масите сега и овде?

Ако вредело во времето на Марко Цепенков и Крсте Мисирков, тогаш вреди и сега. Освен локалните околности, последнава декада беше сиромашна и со глобални креативни експлозии, па веќе активните музички трендови (рок, техно, хип-хоп) паднаа под силно фолк влијание. Опортунисти-продавачи на ефтина некултура се накотија ко плевел и потпомогнати од државните структури се надвиснаа како мрачно претскажување врз кревката културна маса на нашето ранливо општество. Оттаму, сега повеќе од било кога е потребна борбата за описменување, или барем одржување на пламенот на нашата оригинална креативност.

Манипиулативната диктатура кај малите народи и неразвиени земји често забегува со духовно насилство над вредностите од минатото. Таа сосем ја уништува средната класа која е носител на иновациите, создавањето и конкуренцијата. Како да се ослободиме од вакви нерационални шовинистички концепти?

Отворањето и интеграциите со понапредните од нас се единственото решение. Активна асимилицаија и претопуцање на нашата култура со онаа кон која несомнено се стремиме (западната) – со сите нејзини доблести и недостатоци. Немам јас илузии дека таа културна и општествена асимилација ке ни донесе поправедни владетели, но нормите кои ќе мора да ги прифатиме ќе оневозможат ситни фашизоидни диктаторчиња и пијани клептомани да стојат на патот на напредокот на цел еден народ.

Потребна е преродба, но како кога јавноста е изманипулирана така што најкорисните се претставени како непријатели, кои за жал никогаш не се доволно силни за да ја поништат духовната диктатура.

На крајот на денот тоа е и наша одговорност. Ако се сметаме за најкорисни, најпаметни, нај…тогаш веројатно требаше да се занимаваме со политика и да ја освоиме власта. Во последно време се фаќам себе си како се прекорувам на оваа тема. Едноствано ја оставивме земјата во рацете на неписмени манијаци и сега се жалиме. Незнам колку имаме право. Но знам дека мојата борба не завршува тука. Само/Осуден сум да ја терам до крај.

Доволно ли е образовниот систем да се грижи само за стекнување на знаење, или уште позначајно е да се негуваат каракрети?

Образовниот систем е полигон за дресирање на единките во правец на конформирање во рамките на едно општество. На крај на памет не им е да негуваат карактери. За среќа, образовниот систем може да предизвика карактери. Ми се чини дека би бил задоволен со систем кој е добар барем онолку да предизвика. За оној кој има солидна културна основа предизвикот е се што му е потребно.


*прашањата и концептот за интервјуто се на почитуваната госпоѓица Ивана Тасев.

No comments:

Post a Comment