Tuesday, November 2, 2010

Разумен Компромис

Триумфална Капија - ДА!
Црква На Плоштад - НЕ!

Ако нашава планета е еден чудесен галактички музеј, тогаш Северна Македонија/Скопје е павиљон специјализиран за неочекуваните културолошки последици од неволната припитоменост на домородците на овој навидум тесен гео-темпорален ентитет. Релативноста на постоењето, именувањето и кохезијата на курентниот народ на оваа несомнено библиска територија, отсекогаш имале возбудливи културолошки и општествени резултати, се разбира, доколку успеете да го доловите аголот на еден цивилизациски широк и духовно подготвен набљудувач. Од дискутабилни, автохтони, самодоволни “уметнички дела“ - безбуџетни истресоци на вековна немаштина долж недостаток на амбиција, до навидум амбициозни и прекрасни во својата бесмисленост, квази-грандиозни проекти како на пример Скопје2014. Да драги мои, ова е уште еден текст за Скопје2014, проект кој според мене е величествен епитаф на НАШЕТО НЕСНАОЃАЊЕ ВО ИСТОРИЈАТА. Во исто време, тоа е најверното конзервирање на актуелниот македонски духовен моментум, или да банализирам: ПРОСЕЧНО ЗЕМЕНО ТАКВИ СМЕ, а ако не сме-тогаш ТАКВИ САКАМЕ ДА БИДЕМЕ. Навистина е фантастично што Македонците сеуште имаат “национална држава“ и што можат да одлучуваат/гласаат за својата естетика, но и за други важни нешта. Се чини дека тоа е преголема одговорност врз нејаката плеќа на историски-тукушто најадениот и напиен Македонец, но сепак мноооогу подобри услови за виреење од пред стотина години на пример. И македонецот, нормално, решава да го гради својот свет како огледало на сопствената душа: весел, неамбициозен, корумпиран, ненашетан, глупаво дотеран, со расипани заби, беспредметно победоносен. Да, зборувам за проектот Скопје2014-бисер во круната од гомна на клеро-фашистичката власт и трн во окото на од неодамна високоестетизираната опозиција.
Скопје2014 дојде ненајавено и неочекувано како гостин во недела вечер, донесувајќи невиден дискомфорт на зачмаената, но и тешко корумпирана градежно-архитектонска сцена, која каскаше со реакциите позади неколку младешки и бунтовни организации (Прва Архи Бригада, Плоштад Слобода) - во тој момент носители на здрава, урбана мисла, што е ретко како искрена насмевка. Трагикомично импотентната македонска опозиција набргу се закачи на возот на “новите дечки“, предизвикувајќи една општа контрауслуга, додека мецените од власта си го буткаа проектчето, кое меѓу другото на многумина ќе им овозможи поголемо парче месо во манџата. Проектот го најави несреќната ЦРКВА НА ПЛОШТАД - финансиско-сексуалниот чин на меѓусебно подлижување на сељачката клеро-фашистичката елита и според мене единствената утка на мецените во целата приказна. Толку голема и глупава грешка, што ги чинеше парада на нивното грдо лице преку насилството што го извршија во март 2009та врз протестантите, но имакедонската демократија на централниот скопски плоштад. Грешка која веројатно ќе ја платат со НЕПОСТОЕЊЕ на црквата на плоштад, на радост на ретките историски присутни жители на земјава.

Значи Црква На Плоштад - НЕ!

Мецените-властодршци укакапираа дека премногу фанфари можат само да ги закочат, па без многу муабет, но и без градежни дозволи, тргаат нагло да градат неверојатен квантитет на споменици и фантазмагорични згради кои предизвикуваат закаснети дискусии кои се влечкаат по македонските медиуми. Но токму стратегијата “кучињата лаат, а караванот си врви“ се испостави како најголемиот сојузник на НОВОТО ЛИЦЕ на центарот на македонската престолнина-огледало на душата на современиот македонец: човек со прекратка историја, човек без архива, човек со силни, но поместени сексуални апетити, човек кој се дави во кофа со брза храна. Слика на дух-самодоволен во глупоста и опиен од она што никогаш не било. Во исто време СОСЕМ НЕОЧЕКУВАНА АРХИТЕКТУРА која во недостаток на локална градежно-уметничка ингениозност или барем активност, од највисоките политички инстанци диктира НОВ, АВТОХТОН, РЕЧИСИ СУЛУД-НО ДЕФИНИТИВНО НАШ СТИЛ, кој на моменти наликува како да е зготвен во церебралната лабораторија на некој од јунаците од делата на можеби најрелевантниот македонски уметник на ова време, господинот Александар Станковски. Мислам дека само до пред една година едноставно не бевме свесни дека токму ова ни треба, а сега кога е веќе реалност ПРЕДЛАГАМ ДА ЈА ГУШНЕМЕ и да и се радуваме како деца. Впрочем за новото име прилега и ново лице.
Врвот на проектот и во духовна и во историска смисла е ТРИУМФАЛНАТА КАПИЈА-мојата омилена ерекција од галеријата Скопје2014. Таа претставува своевиден финален коментар на целата акција: ТРИУМФ НАД РАЗУМОТ, но сфатено како свежина на нов почеток, а не како слабост. Симбол на нашето епско неснаоѓање во историјата, но во исто време величенствена прослава на истото тоа неснаоѓање-како печат на еден вибрантен дух. Никако не смееме да дозволиме нашите објективни духовни и историски потфрлања да не држат во очај. Напротив, ајде да се обидеме да ги престориме во препознатлив белег на една некултурна, сулуда, но топла и гостопримлива земја во европа. Архитектонски туризам?

Затоа, ТРИУМФАЛНА КАПИЈА - ДА!

Порака до ПРОТИВНИЦИТЕ НА ПРОЕКТОТ:
Ако испадне дека ќе нема црква, а ќе има ТРИУМФАЛНА КАПИЈА...зарем тоа не е РАЗУМЕН КОМПРОМИС? А ќе биде и супер за проаѓање испод неа на геј шетњата (за некоја година)...

2 comments:

  1. Добра палета од зборови, нема што.

    - Бегемот.

    ReplyDelete